Уште само месец и неколку дена остануваат до летниот распуст за средношколците! Ова звучи возбудливо, но што ќе правите летово? Или пак на есен? Дали размислувате да аплицирате за летна работа, меѓународна младинска размена или обука, или пак сте во процес на избор на студии и кариера? Несомнено, што и од ова погоре да ви паѓа на памет голем дел од работодавачите, организаторите на размени и обуки, образовните институции, ќе ви побараат кратка биографија за да знаат зошто баш вам би ве одбрале да бидете дел од некоја привлечна летна програма или атрактивно работно место.
Ако се прашувавте дали вашето искуство како средношколци/средношколки е доволно за креирање на кратка биографија (CV) која ќе ве однесе чекор поблиску до остварувањето на вашите соништа, тогаш оваа статија е токму за вас!
Што е кратка биографија?
Голем дел од вас кои го читате ова со сигурност веќе знаете што е кратка биографија или CV. Но, да повториме. CV (кратка биографија) доаѓа од латинското Curriculum vitae што во буквален превод би значело „животен тек“. Кратка биографија е пишан документ кој содржи информации за вештините, искуството, образованието и личните постигнувања. Кратката биографија не е само за возрасни (како што можеби повеќето од вас мислат) кои аплицираат за некое работно место. Средношколците исто така имаат потреба од кратка биографија кога аплицираат за различни можности достапни за нив.
Што (може да) содржи кратката биографија на еден/една средношколец/средношколка?
- Основни информации – Ова поле вообичаено вклучува лични информации (Фотографија (изберете фотографија на која е целосно видливо вашето лице, во пристојна облека), име и презиме, датум на раѓање, пол, националност) контакт информации (адреса, телефонски број, електронска пошта, профили на социјалните медиуми (доколку сметате дека тоа е соодветно, јас би ви препорачала доколку имате LinkedIn дефинитивно додадете го))
- Кратка изјава – Неколку реченици кои опишуваат кои се вашите уникатни вештини, постигнувања и што се надевате да постигенете. (пр. Мотивирана средношколка со развиени комуникациски вештини кои би сакала да ги унапредам преку вклучување на обуки за меки вештини.)
- Образование – Во ова поле се внесува името на квалификацијата со која се стекнувате, името на училиштето, адреса на училиштето, веб страна (доколку има), од кога сте започнале со образованието (доколку сѐ уште сте во средно училиште, вториот дел во полето ДО означете го со тековно). Би било супер доколку додадете повеќе детали како поле на учење (пр. математичка гимназија, машински техничар и сл.), просечен успех (оценка) и додајте опис за предметите кои сте ги изучувале)
- Работно искуство – Внесете било какво работно искуство што го имате (пр. летна работа во кафетерија). Ако имате ограничено работно искуство внесете искуство како грижа за возрасни лица, грижа за деца на роднини или пријатели на неколку часа дневно, помош при набавка на намирници за повозрасните членови од вашето семејство и сл. Било какво искуство кое ќе го прикажете покажува мотивација и одговорност.
- Волонтерски и воннаставни активности – Независно од тоа за која намена ќе ја искористите вашата кратка биографија, додадете волонтерски и воннаставни активности во кои имате учествувано. Овие активности укажуваат на вашата посветеност и желба за личен раст и развој. Организацијата на време и подготвеноста да се преземе одговорност со сигурност ќе ве истакнат помеѓу останатите апликанти. Во делот со информации за волонтерство внесете исти податоци како кај работното искуство (организација/институција каде сте волонтирале, период или број на часови, одговорности кои сте ги имале и сл.)
- Награди или пофалници – Слободно пофалете се дека ве имаат пофалено! Кратката биографија е вистинското место за ова. Додадете било какви награди кои ги имате освоено како дел од тим или индивидуално за време на вашето образование.
- Лидерско искуство – Доколку сте претседател/ка на вашиот клас или на средношколската заедница споделете го тоа! Споделете за вашата комуникација при оваа улога со учениците и професорите и со други партнери со кои комуницирате. Сте биле вклучени во организација на настан во рамки на училиштето? Споделете и за тоа, наведете кои биле вашите обврски и задачи.
- Вештини – Наведете ги сите вештини кои ги поседувате и напоменете како сте ги стекнале, низ каков процес/настан/искуство. (пр. Справување со предизвици стекнато преку директно вклучување за решавање на предизвик каде соучениците од мојот клас при донесување на одлука за дестинација за годишна екскурзија имаа спротиставени мислења. Во процесот на мој предлог беа сослушани сите мислења и по пат на гласање да се одлучи за дестинацијата.)
Каде да ги стекнеме овие искуства?
Погоре видовме што сѐ можете да внесете како искуство, но дали знаете каде може да се стекнете со овие искуства и вештини како средношколец/средношколка? Со вас споделуваме неколку идеи:
- Волонтирајте во една или повеќе локални/национални организации – Во речиси секое место постојат организации кои се залагаат за различни вредности. Најлесниот начин да ги побарате е преку пребарување на Google или пак да се распрашате, некој околу вас сигурно слушнал за организација која организира кул настани во вашата заедница. Одберете ја онаа чии вредности се слични или исти на вашите и помогнете им! Речиси секоја организација има потреба од дополнителна помош, а вие дефинитивно ќе се стекнете со различни искуства и ќе развиете вештини кои подоцна ќе можете да ги внесете во вашата кратка биографија!
- Учествувајте на проект во земјата или во странство – Иако можеби за апликацијата ќе ви биде потребна кратка биографија кај некои организации, сепак постојат и такви на чии размени или обуки можете да се пријавите само со пополнување на формулар. Предизвикајте се себеси со тоа што ќе се пријавите за вакво искуство каде дефинитивно ќе се стекнете со нови вештини, знаења и искуства кои ќе бидат вредни за раскажување и ќе ви послужат за следното место на кое ќе аплицирате.
- Учествувајте на работилници/обуки од различни теми – Постојано се достапни голем број на различни обуки и работилници кои се наменети за средношколци! Ваше е само да истражите! Учеството во работилница за меки вештини или обука за претприемништво може значително да ви ги прошири видиците и да придонесе за унапредување на вашите вештини. Разгледајте тековни можности ТУКА
Секако, сите овие можности покрај учење ќе ви донесат и многу нови пријателства, дружба и социјализација!
Како да го употребите стекнатото искуство за кратка биографија?
- Поврзете го вашето искуство и вештини со барањата на повикот/огласот за кој аплицирате – разгледајте кои се вештините и знаењата кои се бараат за соодветната позиција или улога, размислете кои од нив ги поседувате, како сте ги стекнале и нагласете ги во вашата кратка биографија.
- Креирајте Европас профил – На Европас веб страната креирајте го својот профил каде во едноставен шаблон ќе можете да ги внесете сите погоре споменати информации и искуства и лесно да генерирате кратка биографија. Прочитајте повеќе за можностите кои ги нуди Европас ТУКА.
За што може да ви послужи кратката биографија?
Има голем број на намени за кои на вас како средношколци може да ви послужи креирањето на кратка биографија. Еве неколку примери:
- запишување на факултет
- аплицирање за стипендија
- практиканство
- вработување
- аплицирање за учество на меѓународни или национални/локални обуки и настани
Како средношколци/средношколки вашата кратка биографија е во ред да биде само една страна. Кратката биографија треба да биде кратка и јасна. Сепак, треба да ве одвојува од останатите апликации!
Се надеваме дека најовте корисни информации во овој текст кои ќе ви помогнат да креирате број еден кратка биографија. Доколку сѐ уште имате прашања или сакаш да дознаеш повеќе слободно контактирајте нѐ на info@na.org.mk
Среќно!